На две локации гори на планината Серта, но нема опасност од ширење на пожарот кон населените места

На две различни локации се уште гори на планината Серта. Првиот крак на пожарот е од воениот полигон Криволак кон река Брегалница, а вториот од село Пухче кон село Селце. Таму се дејствува од земја и од воздух со цел да се стави крај на огнените стихии. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, посочи дека нема опасност од ширење на пожарот кон населените места. На територија на државата има десет активни пожари, но се работи на нивно ставање под контрола.

„Наредните активни пожари се наоѓаат на планината Серта. Таму се уште имаме два пожари кои горат на различни локации. Првиот е од воениот полигон Криволак во насока на река Брегалница, додека вториот се наоѓа над селото Пухче во насока на селото Селце, за кој можам да кажам дека имаме делумна контрола и не ги загрозува двете кажани села.“ – вели Ангелов.

На сите пожари во државата се делува од земја и од воздух. Ангелов посочи дека има доволно луѓе, механизација и опрема, а пожарите се делумно под контрола, што значи дека не е загрозено ниту едно населено место.

„Денес на сите овие пожари ќе дејствуваме со нашите летала и тоа двата полициски хеликоптери, два армиски хеликоптери, два ер трактори на ДЗС како и со еден црногорски хеликоптер.“ – вели Ангелов.

Ангелов упати апел до сите сопственици на објекти кои се наоѓаат во подрачја кадешто има пожари да направат меки појаси со цел огнот да не се прошири и да го зафати нивните објекти.

Лаура Стојанова М-Нет