Мостот кај с. Долни Балван ќе биде саниран до декември, обезбедени дел од средствата

Мостот кај Долни Балван најдоцна до декември ќе биде во функција. Општината преку Министерство за локална самоуправа обезбеди дел од парите за санација на мостот, чии столбови беа поткопани од надојдената вода на Брегалница. Договорот беше склучен денес, па до почетокот на санацијата во септември останува уште тендерската постапка со која ќе се избере изведувач.

„Денес официјално го потпишавме Договорот за доделување средства од страна на Министерството за локална самоуправа во износ од 5.800.000 денари. Овие средства се по Програмата за намалување на диспаритетите и се одобрени за санација на мостот на река Брегалница кај с. Долни Балван. Остатокот од средствата, кофинансирање, ќе биде од Општина Карбинци. Се очекува санацијата да започне на почетокот на месец септември. Ние веќе сме во процедура на избор на изведувач, ги подготвуваме документите за тендерирање, така што за месец време од сега ќе се започне доколку, нормално, се одвива онака како што предвидуваме без пречки. Крајниот рок за завршување на работите е средината на месец декември или до крајот на оваа календарска година“, истакна градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Проценката за средствата со кои Општина Карбинци ќе учествува е околу 9.000.000 денари, но може истите и да се намалат во зависност од тоа каква конкуренција ќе има на тендерската постапка.

Мостот целосно е затворен за сообраќај од 15 декември минатата година, откако два дена претходно истиот попушти поради зголемениот водостој на реката. Инаку, мостот ги поврзува селата Долни Балван и Таринци, односно жителите на општина Карбинци со регионалниот пат Штип – Кочани.

Ребека Спасова М-Нет