Може ли вакцинираните лица против Ковид 19 да бидат дарители на конвалесцентна плазма?

Лицата кои прележале ковид 19, и кои исполнуваат одредени услови може да бидат дарители на конвалесцентна плазма, односно да му помогнат некому во третманот и начинот на лечење со ковид 19. Во нашата држава овој вид на третман почнува да се применува во април месец минатата година, и тогаш начинот на пронаѓање на лицата кои успешно се избориле со корона вирусот, објаснување на постапката, начинот бил многу тешок. Денес луѓето свесни за она што го преживеале, многу почесто и полесно се одлучуваат на ваков хуман чин да даруваат конвалесцентна плазма и да спасат нечии живот. Во институтот за Трансфузиона медицина Штип, дарителите на конвалесцентна плазма пред камерата на М-Нет тв истакнаа дека имаат поттик да го направат тоа бидејќи и тие поминале низ истото.

За да се биде дарител на конвалесцентна плазма потребно е да се испонат одредени услови. Дарителот може да дарува плазма и повеќе пати. Меѓутоа, останува прашањето што со лицата кои примиле вакцина против ковид 19? Може ли и тие да даруваат конвалесцентна плазма. Одговор побаравме од Специјалист по трансфузиона медицина, Мери Шорова.

„Вакцинирани лица сеуште не се внесени во нашата програма, во нашиот протокол за работа, значи сметаме и по водичите по кои што се водиме како институт, тие сеуште не влегуваат во кандидати за конвалесцентна плазма. Сепак имунитетот којшто го развива лицето по прележување на ковид инфекцијата не е исти како после вакцина. После вакцина велиме дека тоа е активен имунитет бидејќи организмот сам ствара антитела против ангенот, а тоа е вакцината. Кај конвалесцентната плазма имаме пасивен имунитет“ – истакна д-р. Мери Шорова, Специјалис по Трансфузиона медицина.

Кои се условите кои треба да се исполнат за да може едно лице да дарува конвалесцентна плазма? Има ли несакани ефекти? Каква е состојбата со резерви во Институтот за Трансфузиона медицина Штип? Одговори на овие но и на многу други интересни прашања поврзани со темата, погледнете во новото издание на емисијата Зум Анализа, вечерва во 20:30 часот на каналот на М-Нет.

Лаура Стојанова М-Нет