Модуларните болници оставени на работ на времето, во Штип и Кочани со тенденција да бидат амбуланти

Крадци и вандали оперираат постојано во некогашната модуларна болница во Штип. За време на ковид пандемијата болницата се користеше за пациентите, а денеска наместо лекари во неа може да се забележат само крадци. Вратите разбиени, дел од инвентарот оштетен, друг дел и го нема. Однесени се бакарни цевки во должина од 20 до 30 метри, а имало обид да се украде и бакарна цевка од боца за кислород во гас централа што го снабдува инфективното одделение.

„Таа е мета на вандалски дејствија, внатре има доста оштетувања, инвентарот на вратите, на климите, дел од климите се извадени и се поставени во магацин за да не продолжат со понатамошно оштетување“ – вели Захариев.

Наместо да биде мета на крадци идејата е модуларната болница во Штип да се пренамени за мој термин амбуланти. Директорот Захариев посочува дека оваа можност веќе се разгледува за да може овој простор соодветно да се користи и да не биде оставен на работ на времето. На тој начин нема да биде на листата промашени инвестиции, туку ќе се користи за потребите на пациентите.

„Мојата идеја беше ако може да ја пренамениме, модуларната болница да бидат таму амбуланти кои би работеле мој термин. Всушност сите мој термин амбуланти да бидат таму сместени.“ – додава Захриев.

Во кочанската општа болница со проширена дејност не се забележани кражби и разбиени врати во модуларната болница, но и таа стои неупотребена, вели новата директорка, доктор Кристина Серафимова. За М- Нет телевизија таа посочува дека оваа болница сакаат да ја пренаменат за амбуланти, но чекаат дозвола од страна на Министерството за здравство.

Пред три години во 16 града во државата беа отворени модуларни болници, а нивното поставување државата ја чинеше околу четири милиони евра. Модуларната болница на Инфективна клиника ќе му припадне на Министерството за одбрана, а потребна е болница и во затворот Идризово. Министерот Таравари при посетата на Штип посочи дека алтернативна употреба ќе се пронајде и за модуларната болница во Штип.

Лаура Стојанова М-Нет