Инвестицијата на „Алказар Енерџи Партнерс“ во ветерен парк на подрачјето на општините Радовиш, Штип и Карбинци, кога целосно ќе биде реализирана, ќе достигне вредност од околу половина милијарда долари, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој му се заблагодари на инвеститорот што ја избрал Македонија како дестинација за инвестирање, како и на заемодавателите кои го поддржале проектот.
Според премиерот, проектот ќе донесе неколку стотици работни места и нова патна инфраструктура во општините низ кои ќе се протега ветерниот парк.
Мицкоски рече дека станува збор за производство од еден терават-час електрична енергија од обновливи извори, односно околу еден милион мегават-часови.
„Нешто коешто досега е незабележано во нашата историја и нешто коешто, кога сето ова ќе биде реалност, на крајот од годината ќе претставува нето енергетски независна Македонија“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува ваквите „гринфилд“ инвестиции, особено оние во кои произведената електрична енергија ќе се продава на слободниот пазар.
Мицкоски оцени дека Македонија располага со потенцијал за производство од 24 терават-часови електрична енергија, што, според него, би претставувало бизнис од околу две милијарди евра годишно.
„Како досега, така и во иднина ќе продолжиме заедно со институциите партнерски да работиме со инвеститорите, за сето она коешто претставува реална идеја да го ставиме во функција“, порача Мицкоски.
Текстот Мицкоски: Инвестицијата на „Алказар“ од околу половина милијарда долари отвора ново енергетско поглавје е превземен од МАКФАКС.