Мицкоски и неговите „успеси“ кога пропагандата се судира со реалноста, велат од СДСМ

Христијан Мицкоски вчера тврди дека опозицијата го блокира Изборниот законик затоа што е „уплашена од успесите на Владата“. Изгледа дека почна да верува на сопствените лаги, велат од СДСМ.

„Ќе му одговориме со факти, а не со пропаганда. Прво, Европскиот парламент во јунскиот извештај за 2026 година не ја става Македонија меѓу најдобрите во регионот. Напротив – изразува жалост поради недостатокот на напредок од претходниот извештај, особено во делот на владеењето на правото, судската реформа и борбата против корупцијата“.

Според опозициската партија, додека Црна Гора цели кон членство во 2028, а Албанија кон затворање на преговорите во 2027, Македонија стагнира.

„Второ, „успесите“ на Владата се видливи на секојдневно ниво: Економија во колапс, инвестициите паднати за 60%. Буџет без пари, за само две години ја задолжија државата за 2,5 милијарди евра, наскоро нема да има за редовна исплата на пензии. Граѓаните стојат по неколку часа на границите поради политиката на изолација. Младите масовно заминуваат затоа што нема европска перспектива.
Мицкоски ја претвори Македонија во слепо црево на Балканот.

Трето, Мицкоски вели дека Владата ги прифатила сите предлози на опозицијата. Тоа не е вистина.

Не знаеме на кого мисли, бидејќи СДСМ и луѓето околу Фронтот за вистина и правда се единствената реална опозиција во Македонија“.

Сè друго, додаваат од СДСМ, е театар.

Опозицијата не го блокира Изборниот законик од страв од „успеси“ – успеси нема, потенцираат од таму.

Единствениот успех на оваа Влада, нагласуваат од СДСМ, е видлив само за нив лично, во, како што велат, криминалните тендери.

„СДСМ го блокира законот за да спречи изборен грабеж и затоа што одбива да учествува во уште еден закон скроен по мерка на организираната криминална група ВМРО, во момент кога Владата не исполни ниту еден сериозен реформски услов кон ЕУ“.

Текстот Мицкоски и неговите „успеси“ кога пропагандата се судира со реалноста, велат од СДСМ е превземен од МАКФАКС.