
Увид на активностите во населено место Тодоровци во М. Каменица извршија градоначалникот Димче Атанасовски, пратениците Антонио Милошоски и Драган Ковачки, како и членот на ИК на ВМРО – ДПМНЕ, Бобан Максимовски. Според градоначалникот Атанасовски, со завршувањето на реконструкцијата на последниот пат во ова место ќе има целосно реконструирана патна инфраструктура. Најави и повеќе други проекти во Македонска Каменица.
„Ние во моментот работиме на повеќе проекти, од кои околу 30 планираме да бидат завршени до крајот на јуни. Поголеми капитални ќе бидат завршување на Церски пат, во Албанско маало пат, во Тракарско маало, с. Луковица, водоводот во Павлиш дол и она коешто најмногу го очекуваме е тендерската постапка за осветлување на кејот, кој ќе биде во вредност од околу 16 милиони денари“, истакна Атанасовски.
Според пратеникот Милошоски, Владата и ресорните министерства треба да обезбедат повеќе блок – дотации во буџетот за помалите општини, без разлика на политичката партија на градоначалниците.
„Денес во М. Каменица ни е задоволство што гледаме дека работат на сериозни инфраструктурни проекти во интерес на граѓаните и би рекол дека и има една видлива градежна офанзива. Работењето во оваа општина може да биде и пример за едно добро, испланирано работење и корисно трошење на општинскиот буџет во проекти коишто се од општо добро. За помалите општини Владата сепак треба да има поголемо разбирање и во одредени области да предвиде поголеми средства во буџетот за тоа да биде во интерес на сите граѓани. Тоа би бил нашиот апел на Владата на Македонија“, порача Милошоски.
Денешната посета пратениците и ИК на ВМРО – ДПМНЕ ја спроведоа во рамки на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“.
Ребека Спасова М-Нет