Милан Ристовски ново засилување на ФК Илинден

ФК Илинден го официјализираше ангажманот на искусниот фудбалер Милан Ристовски, кој ќе ги брани црвено-црните бои во претстојниот период. Станува збор за играч со богато прволигашко и интернационално искуство, кој во клубот пристигнува од редовите на ФК Кул.

Ристовски зад себе има повеќе од 150 настапи во македонската Прва лига, а на 36-годишна возраст ќе донесе стабилност и сигурност по левата страна на теренот. Тој настапува на страничните позиции, игра со лева нога и е познат по својата борбеност и тактичка дисциплина.

Во текот на кариерата, Ристовски го носел дресот на неколку реномирани домашни клубови, меѓу кои Тетекс, Македонија ЃП, Борец, Гостивар и Скопје. Покрај настапите во македонскиот фудбал, има и меѓународно искуство стекнато во Турција и Косово.

Од ФК Илинден изразија задоволство од новото засилување и му посакаа многу успешни настапи, како и добро здравје во продолжението од кариерата, со надеж дека неговото искуство ќе биде значаен фактор во остварувањето на клупските цели.