
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром забележаа исклучително важна победа на домашен терен, совладувајќи ја екипата на КК Подгорица со 67:54, со што ги задржаа шансите за пласман во плејофот во АБА Лига 2, во пресрет на последното коло од групната фаза.
Од самиот почеток на натпреварот, „штрковите“ ја наметнаа својата игра, контролирајќи го ритамот и резултатот. На полувреме МЗТ имаше сигурна предност, која дополнително ја зголеми во третиот период, кога серијата поени донесе и убедливи плус 22 (54:32), момент што практично го реши прашањето за победникот.
Во редовите на МЗТ се истакна Душан Танасковиќ, кој одигра одличен натпревар и запиша дабл-дабл ефект со 14 поени и 13 скока. Важен придонес даде и капитенот Војдан Стојановски со 13 поени и 6 асистенции, додека Илајџа Мекејден додаде 11 поени и 8 скока. Солидна партија имаше и Марин Петков со 9 поени и 4 асистенции.
Со оваа победа, МЗТ ја задржа неизвесноста околу пласманот во плејофот, а одлучувачкиот натпревар од регуларниот дел ги очекува на почетокот на март, кога ќе гостуваат кај екипата на HKK Широки.
Борбата продолжува, а МЗТ ќе се обиде со ново квалитетно издание да го оствари зацртаниот плејоф-сон.