МЗТ Скопје се враќа во Европа по 25 години! „Штрковите“ директно во групната фаза на ФИБА Европа Купот

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром повторно ќе биде дел од европската кошаркарска сцена. По пауза од цели 25 години, аеродромци во сезоната 2026/27 ќе настапуваат во групната фаза на ФИБА Европа Купот.

Од клубот официјално потврдија дека се меѓу 24-те екипи кои обезбедија директен пласман во групната фаза, што претставува значаен успех и уште една потврда за континуираниот развој на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Новата сезона ќе биде исклучително предизвикувачка за „сино-белите“, кои покрај настапите во АБА2 лигата и домашната Суперлига, ќе се натпреваруваат и на европската сцена. Тоа значи дека МЗТ Скопје ќе води битки на три фронта, со богат и исполнет натпреварувачки календар.

Последен пат клубот играше во натпреварување под капата на ФИБА во сезоната 2000/01, кога настапуваше во Купот Кораќ. Во меѓувреме, МЗТ Скопје остави силен белег во регионалните натпреварувања, настапувајќи во АБА лигата, АБА2 лигата и УЛЕБ Еврокупот, а сега повторно ќе ја претставува македонската кошарка во европско натпреварување.

ФИБА Европа Купот од новата сезона ќе се игра во проширен формат со 48 екипи поделени во осум групи од по шест клуба. Со директниот пласман во групната фаза, МЗТ Скопје има загарантирани најмалку десет европски натпревари против ривалски екипи од различни земји, што претставува одлична можност за нови европски искуства и афирмација на клубот.

Ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 16 јули во Минхен, кога македонскиот шампион ќе ги дознае своите противници за новата европска сезона.

Од МЗТ Скопје порачуваат дека ги очекува ново поглавје исполнето со големи предизвици, патувања и силни натпревари, со надеж дека со поддршката од своите навивачи ќе бидат достоен претставник на македонската кошарка и повторно ќе донесат европска атмосфера во спортскиот центар „Јане Сандански“.