
Организацијата за заштита на животните “Четири шепи” од Бугарија соопшти дека мечето Теди денес пристигна во својот нов дом во Белица, Бугарија. Според организацијата “Четири шепи” мечето Теди ја поминало грчката граница буквално неколку саати пред целосно да се затвори границата на Грција, поради најавеното целосно затворање на грчките граници од утре до крајот на месецот. Единствениот начин Теди да се превезе од Македонија до Бугарија е преку Грција, заради тоа што на бугарските граници не постои одобрен пункт за увоз на животни од Македонија во земја-членка на ЕУ. По неколкучасовно чекање на грчката граница, бил дозволен транзитен премин преку грчка територија и Теди безбедно пристигнал во новиот дом.
Мечето Теди беше жител на штипската зоолошка градина од 2017 година и живееше во многу лоши услови. “Четири шепи” од Бугарија, исто така, соопшти дека штипската зоолошка градина немала лиценца за одгледување на мечки.
За спасување на мечето Теди се собираат и донации.