
Граѓаните чии лични документи го немаат новото уставно име на државата, Република Северна Македонија, имаат рок да ги заменат со нови до 2024 година. Сепак, сè уште нема став дали наместо нови регистарски таблички, може да се стави налепница со новиот код НМК врз стариот МК. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, поскапувањето на услугата за вадење на новите документи го оправда со поскапите цени на репроматеријалите.
„Следнава година, 2024, е рокот во кој треба да бидат заменети личните документи бидејќи дадовме рок при промена на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците. Наводните цени се зголемени 90 % на репроматеријалите и затоа направивме зголемување, кое не е големо имајќи предвид дека утврдивме два вида цени. Оние што ги менуваат пасошите на 5 години, значи до 27 години, имаат иста цена на услуги, а за остатокот, имајќи предвид дека 10 години е важноста на документот, цената е незначително зголемена за да можеме да ги остваруваме тие функции“, рече министерот Спасовски.
Во март годинава поскапеа услугите за вадење лични документи. Личната карта од 190 денари поскапе на 310 денари. Пасошот за лицата над 27 години од 1.500 денари стана 2.000 денари, а возачката дозвола од 280 поскапе на 410 денари. Промената на сите три документи од лице е 2.720 денари. Промената на регистарските таблички, пак, чини 1.500 денари.
Ребека Спасова М-Нет