
Новинарите мора да бидат безбедни додека ја извршуваат својата работа, порачуваат од Министерството за внатрешни работи. Според нив, секоја закана, притисок или напад врз новинар е напад врз јавноста и правото на информирање. Затоа, во земјава е во тек формирање Национален комитет за заштита на новинарите, кој ќе треба да реагира навреме и да спречи несакани случаи. Институциите веќе соработуваат со новинарските здруженија и обвинителството за подобра заштита на медиумските работници. Целта е јасна, новинарите да известуваат слободно, без страв и притисоци.
„Безбедноста на новинарите за Министерството за внатрешни работи е еден од врвните приоритети и МВР е максимално посветено на ова поле. Во таа насока потпишан е меморандум за соработка со Здружението на новинари на Македонија, имаме одредено Национална фокална точка и локални фокални точки во склоп на кампањата на Советот на Европа за Заштита на новинарите, а континуирано се одржуваат и работилници и обуки на кои учествуваат полициски службеници, новинари и обвинители. Соработката со Обвинителството и ЗНМ е на највисоко ниво, а заеднички изработивме и прирачници за справување со можните предизвици околу безбедноста на новинарите.“информираат од МВР
Од таму потенцираат слободата на изразување и слободата на медиумите се основни демократски вредности загарантирани со Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човекови права и со меѓународните стандард.
„Слободата на изразување и слободата на медиумите се основни демократски вредности загарантирани со Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човекови права и со меѓународните стандарди. Новинарите имаат клучна улога во информирањето на јавноста и во вршењето на својата професионална должност придонесуваат за отчетноста на институциите, владеењето на правото и заштитата на човековите права.
Република Северна Македонија, како земја членка на Советот на Европа и како држава која се стреми кон полноправно членство во Европската Унија, има обврска и интерес да обезбеди безбедна и поволна средина за новинарите.“, додаваат од МВР
Инаку, советот на Европа во 2016 година ја усвои Препораката за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери, која утврдува четири клучни столба: превенција, заштита, гонење и промоција на свесност и образование. Дополнително, во 2023 година започна европската кампања „Новинарите се важни“ со цел зајакнување на националните механизми за заштита на новинарите.
Иван Митев, М-Нет