СДСМ обвинува дека построгите критериуми ќе остават илјадници земјоделци без поддршка

Новите критериуми за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година ќе остават без субвенции околу 10.000 земјоделци кои досега ја користеле оваа поддршка, смета Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на прес-конференција изјави дека Владата ја намалила поддршката за земјоделците и вовела построги критериуми за добивање субвенции.

„Рокот за пријавување за субвенции за 2026 ќе заврши со околу 10.000 земјоделци помалку во споредба со претходните години“, рече Поповиќ, додавајќи дека не станува збор за земјоделци кои ја злоупотребувале поддршката, туку за производители кои повеќе не ги исполнуваат новите услови.



Таа посочи дека минималната површина за лозарство и овоштарство е зголемена од 0,2 на 0,5 хектари, а кај поледелските култури од 0,5 на 0,7 хектари.

Поповиќ го обвини и министерот за земјоделство Борче Серафимовски дека најпрво најавил олеснување на условите според кои висината на субвенциите зависи од минимален процент продадено или предадено производство, а потоа, како што рече, предложените олеснувања биле повлечени.

Од СДСМ соопштија дека ја поддржуваат иницијативата на земјоделците и нивните барања, како и дека партијата поднела закон за финансиска поддршка со интервентни мерки за лозарите, производителите на пченица, црвена пиперка и ориз, како и за сточарите.

„Земјоделството е производство, егзистенција и сигурност за илјадници семејства и земјоделците заслужуваат поддршка“, порача Поповиќ и повика да биде поддржан предлог-законот на СДСМ.

Текстот (Видео) СДСМ обвинува дека построгите критериуми ќе остават илјадници земјоделци без поддршка е превземен од МАКФАКС.