
По повод шест месеци од трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, утре 16 септември се закажани низа настани и активности со кои ќе се одбележи овој ден.
Семејствата на починатите утре организираат Марш за ангелите кој ќе започне во 15:35 часот, но овој пат со променета рута. Маршот ќе започне во Паркот на револуцијата, присутните ќе маршираат до кочанското Јавно обвинителство и Судот, зградата на полицијата, Управата за јавни приходи и повторно ќе заврши во паркот на револуцијата. Ќе маршираат и студентите во главниот град. На мирен протест се собираат утревечер во Скопје.
Под мотото „62 ангели – вечна светлина во нашите срца“ со собир во 20 часот ќе бидат запалени свеќи во чест на починитати, а половина час подоцна во 20:30 часот кон небото ќе бидат пуштени 62 балони. Потоа, сите присутни со светлата од мобилните телефони ќе испратат светлина кон небото за 62 згаснати животи.
„Тие не заминаа. Тие засекогаш живеат во секоја мисла, во секоја солза, во секое чукање на срцето. Нашите 62 ангели ќе бидат вечна светлина што не гасне. Местото за палење свеќи ќе биде достапно до 24:00 часот, за секој што сака лично да оддаде почит. Овој настан е исклучиво комеморативен и хуман – чин на љубов, почит и сеќавање. Да останеме обединети во болката, но и во љубовта кон оние кои секогаш ќе живеат во нашите срца. Да бидеме обединети во љубов и сеќавање. Светлина за 62 ангели, соопштија од ЗГ „16 Март 2025 Кочани“
Ѕвездено небо ќе се организира и на плоштадот Слобода во Штип. Во 20 часот, на плоштадот ќе се палат свеќи како симбол на светлината и сеќавањето што никогаш нема да избледат. Во 20:30, светилките од мобилните телефони ќе се подигнат кон небото, создавајќи импресивно ѕвездено небо – чин на почит и спомен на младите животи, кои Македонија ги загуби на комбниот 16 март.
На 16 март годинава во пожарот во дискотеката Пулс животот го изгубија 62 лица, а околу 200 беа повредени.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет