
Започна новата сезона во Првата футсал лига на Македонија, а екипата на Мал Ајакс која по неколку сезони се врати во футсал елитата со пораз ја стартуваше сезона, откако загуби на домашен терен во Штип од екипата на Јувентус Серава со резултат од 2:3.
Гостинот брзо дојде до два гола предност откако Сали Салиевски во 4. минута го отвори резултатот, а две минути подоцна гостинот веќе имаше два гола предност откако гол постигна Бејтула Јакупи. Мрежата на штипјани се тресеше и во 12. минута кога Фестим Аџами погоди за 0:3.
Пред крајот на првиот дел од мечот кој се играше во спортската сала на СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип, Филип Слободановски постигна гол за 1:3 на полувреме. Во вториот дел Даниел Стојанов во 34. минута постигна гол и ја намали предноста на противникот на 2:3, но штипјани немаа сили за израмнување, па со пораз од 2:3 од екипата на Јувентус Серава, екипата на Мал Ајакс ја започна новата сезона.
Екипата на Балкан, која е нов прволигаш со пораз ја отвори сезоната, откако загуби на домашен терен од Кеги Моби кој беше пресилен со 4:8. Шкупи, пак на домашен терен со 7:5 го доби ланскиот финалист од Купот, тимот на Осогово од Крива Паланка, особено со одлично прво полувреме на домаќинот.
Бутел го освои Кавадарци откако со 1:3 славеше над Клими, а првото коло ќе се комплетира со одложеното дерби меѓу Проект и шампионот Форца.
Александар Ванев, М-Нет