Мал Ајакс против Осогово во Штип, бранителот Форца со Шкупи во футсал Купот на Македонија

Во среда и четврток ќе се одиграат натпреварите од футсал Купот на Македонија. Четвртфиналето ќе биде отворено утре со натпреварот меќу Јувентус Серава и Партизан Југ од Брвеница, натпревар каде прволигашот ќе биде фаворит во однос на второлигашот, а дополнително фактот што игра и на домашен терен.

Овој меч е закажан со почеток од 18:45 часот.

Во четврток ќе бидат одиграни останатите три натпревари. Второлигашко соочување на Балкан и Кратово, каде и двете екипи имаат амбиции за пласман во полуфиналето, а домаќинот кој значително се засилуваше зимава ќе биде фаворит на мечот пред се и поради домашниот терен. Мечот започнува во 18:45 часот.

Во 19:30 часот во Спортската сала при СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип, лидерот во Втората футсал лига екипата на Мал Ајакс ќе се соочи со прволигашот Осогово. Ова ќе биде четвртфинален дуел каде по квалитет прволигашот од Крива Паланка ќе биде во предност, а пак Мал Ајакс ќе се потпира на домашниот терен и поддршката од публиката.

Во 21 часот ќе се одигра дербито меѓу бранителот на Куп титулата, Форца и Шкупи, ова ќе биде израмнет меч каде Форца сака одбрана на титулата и нов атак на двојната титула, а пак Шкупи има амбиции за освојување на Купот.

Победниците од овие натпревари ќе се соочат во полуфиналето од футсал Купот на Македонија.

Александар Ванев, М-Нет