Македонија втора на „Жолтиот куп“ – храбар камбек и реми со Швајцарија

Машката ракометна репрезентација на Македонија го освои второто место на „Жолтиот куп“ во Винтертур, откако во возбудлив и драматичен натпревар одигра нерешено 28-28 против домаќинот Швајцарија. Иако „црвено-жолтите“ покажаа карактер и квалитет, трофејот сепак заврши во рацете на Швајцарците поради подобрата гол-разлика.

Домашната селекција на полувреме имаше солидна предност од 18-13, но Македонија во вториот дел излезе со сосема поинакво лице. Со агресивна одбрана и поефикасен напад, нашите ракометари чекор по чекор ја топеа разликата, па дури и стигнаа до минимално водство. Во финишот имаше и можност за плус два, но шансата не беше реализирана.

Кулминацијата дојде во последните секунди, кога Марко Митев со маестрален удар од тешка позиција погоди за израмнување и за ерупција од емоции во салата. Натпреварот се одигра пред преполни трибини, со силна поддршка од домашната публика, но и со бројни македонски навивачи кои создадоа вистинска атмосфера далеку од дома.

Со гол-разлика од плус 9, Македонија го заврши турнирот како второпласирана, додека Швајцарија со плус 14 го освои пехарот. Третото место му припадна на Украина, по победата над Бахреин.

И покрај тоа што трофејот изостана, настапот на „Жолтиот куп“ донесе многу позитивни сигнали. Македонија уште еднаш покажа дека знае да се врати од тешки ситуации и дека има карактер за големи натпревари. Со вакви вибрации репрезентацијата го продолжува патот кон Хернинг, каде ја очекува премиерата на Европското првенство против силната Данска.