
Лажни информации и фото-монтажа, злоупотребена „фејсбук“ страницата на Телевизија М-Нет. Мајка на 15-годишно момче од Штип до нас реагираше дека паника и страв во семејството предизвикала лажна информација за наводно исчезнување на нејзиниот син, зашто до неа стигнала наводна објава на Телевизија М-Нет. Посочи дека има и снимка од екран од објавата која нејзе ѝ ја препратиле, а, веројатно, се ширела меѓу учениците. Потенцираме дека Телевизија М-Нет нема објавено вест за исчезнато момче. Искористена е наша објава, на местото на некој од нашите видео-прилози е монтирана фотографија од момчето, а во описот стои монтиран текст со кој се замолува граѓаните кои ќе го видат момчето да се јават на 112. Најостро ги демантираме ваквите наводни наши објави, а потенцираме дека со лажната вест и искористувањето на името, логото и „фејсбук“-страницата на Телевизија М-Нет се запознати и надлежните служби од Полициската станица во Штип. Ги замолуваме граѓаните да не наседнуваат на вакви лажни објави.