
Агенцијата за вработување распиша конкурс за вработување на 7 нови лица на различни позиции во Комуналното Јавно претпријатие „Водовод“ во Општина Кочани. Станува збор за вработување на Самостоен референт за платен промет, Референт – благајник, Помлад соработник администратор на база на податоци, Референт за односи со корисници, Референт за административно технички работник, Самостоен референт за документација и Виш соработник координатор за утужување во правна служба. Со овој оглас за вработување не се зголемува бројот на вработени во КЈП „Водовод“ туку се врши замена со оглед на фактот дека има вработени кои отишле во пензија.
„Моментално имаме распишано оглас за 7 нови работници во КЈП „Водовод“ Кочани, истите се неопходност за претпријатието и подобрување на услугите за самите корисници. Се отвара нова канцеларија на шалтерски систем во претпријатието каде граѓаните ќе можат сите работи да ги вршат во таа канцеларија без разлика дали е жалби, поплаки или било каква услуга. Инаку, бројот на вработени во КЈП „Водовод“ не се зголемува, туку станува збор за тековното пензионирање во претпијатието се заменува со нови луѓе“ – истакна директорот на КЈП „Водовод“, Киров.
Лицата кои сакаат да конкурираат на овој оглас потребно е да ги исполнуваат основните општи услови, како и посебни услови во зависност од работното место на кое се конкурира соодветно и бараното завршено образование. Условите треба да се поседуваат во моментот на пријавувањето, во електронска форма. Рокот за пријавување е 15 дена сметано од денот на објавување на огласот. Кандидатите се должни пријавата да ја пополнат во целост, прецизно и со точни податоци. Пријавените кандидати на јавниот оглас, ќе бидат известени за времето и местото на одржување на секоја следна фаза од постапката за селекција на административен службеник, на интернет страницата на Агeнцијата за администрација. Платата во просек ке се движи нешто над 21 илјада денари.
Лаура Стојанова М-Нет