
Кучињата скитници – проблем и за граѓаните во Општина Кочани. Централното градско подрачје, но и по улиците во останатите населени места честопати може да се забележат кучиња оставени сами на себе. Истите претставуваат и опасност за граѓаните, а пред сѐ за децата. Кочанчани пред камерата на М-Нет Телевизија посочуваат дека се нашле во ситуација да бидат нападнати од куче скитник.
„Има повеќе кучиња скитници, два – три пати дури ме имаат каснато. Малку треба некој, дали Локалната самоуправа, дали некоја друга служба, да се погриже за тие животни. И они сакат да живеат, ама лоши се, трчат и по децата.“
„Јас за градот Кочани би рекла дека беше најчист град, но сега не го мислам истото, бидејќи на улиците се наоѓаат и кучиња скитници. Страшно е сам да одеш, особено за децата. Нечисто е затоа што изметите се по тротоарите, што не е хигиенски за градот.“
„Мислам дека претходно имаше повеќе, сега малку е и намалено. Дали има престојувалиште за нив, дали некое друштво ги собира. Важно, намалено е сега, нема толку многу.“
„Некој треба да се погрижи за кучињата скитници. Има некои луѓе коишто стварно се разбират од чување кучиња и треба да ги соберат и обезбедат. Мора да има луѓе кои ќе ги згрижат. Вака по градот, можеби, некое куче е заразено или ќе нападне човек.“
Граѓаните на Кочани се согласни дека надлежните треба да преземат поголеми мерки и активности за кучињата оставени на улица. Нивен хуман третман би било добро и за самите кучиња и за граѓаните, а воедно и почист град.
Општина Кочани нема стационар каде би се заловувале и чувале кучињата скитници. Нивното заловување и хумано третирање се прави преку фирма, а се заловуваат до десет пати во текот на годината, истакна за М-Нет телевизија директорот на КЈП „Водовод“, Иван Иванов.
„Комуналното јавно претпријатие е задолжено за заловување на кучињата скитници. За таа цел ние имаме склучено договор со фирма, која е од Куманово и врши заловување. Инаку, заловувањето е по барање на Општината, односно на комуналниот инспектор. Годишно се вршат околу 10 – 12 заловувања. Еве, минатата година имаме десет заловувања во кои што се заловени околу 60 кучиња. КЈП „Водовод“ работи по барање за заловување од Општината“, истакна Иванов.
Граѓаните во Кочани се согласни дека градот е мирен и чист и дека треба да продолжи да се одржува таков, што значи надлежните треба да водат поголема грижа за кучињата скитници.
Лаура Стојанова М-Нет