
Вчера се одиграа натпреварите од четвртфиналето од Купот на Македонија во женска конкуренција.
Каменица Саса со убедливи 3:0 го декласираше Скопје 2014 и обезбеди следна фаза од Купот. На Градскиот стадион во Македонска Каменица, Американката Икеда беше двоен стрелец во 60. и 66. минута, а печат на убедливата победа стави Ана Димитровска во 82. минута од средбата за конечни 3:0.
Во Прилеп победникот беше решен во пенал рулетот, откако во регуларните 90 минути Деспина и Тиверија одиграа 1:1. Младата Настасја Накова уште во 8. минута ја донесе Деспина во водство од 1:0, а искусната Теодора Димоска во 66. минута ја врати Тиверија во егал борба, но до крајот на регуларниот дел мрежите мируваа, па победникот беше решен во пенал-рулетот, каде со 4:3 Деспина беше поуспешна и патува во следната фаза од Купот.
Неизвесен меч беше одигран во Тетово каде силите ги одмерија Шкендија и Атлетико, а подобри беа домаќинките со 2:1.
Хава Мустафа во 11. минута обезбеди предност од 1:0 за Шкендија, резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел неизвесноста траеше се до 80. минута кога Мустафа со втор гол обезбеди предност од 2:0. Сепак, гостинките од Битола преку Димитроска намалија на 2:1 и се вратија во игра, но немаа сили за израмнување.
Љуботен со 3:1 беше убедлив против Топ Гол и патува во полуфиналето од Купот на Македонија. Гостите преку Тамара Давчева уште во 11. минута стигнаа до рано водство од 0:1, но сепак, до крајот на првиот дел Јанковска и Ѓеровска со два брзи гола во 37. и 40. минута направија пресврт на 2:1. Во вториот дел Бразилката Гоја ја завери победата на Љуботен за конечните 3:1.