
Искусниот српски ракометар Младен Крсманчиќ повеќе не е дел од ГРК Охрид, откако двете страни спогодбено ја прекинаа соработката по релативно краток престој во клубот. Така заврши епизодата на средниот бек во охридскиот суперлигаш, која траеше само неколку месеци.
Крсманчиќ пристигна во Охрид како решение за зголемување на конкуренцијата и стабилноста во организацијата на играта, но со текот на сезоната дојде до промена во клупските планови и концептот за продолжението од шампионатот. Во такви околности, беше донесена одлука за предвремен прекин на договорот.
Иако неговиот престој беше краток, Крсманчиќ во секој настап се обидуваше да го внесе своето искуство и ракометна зрелост во тимот, особено во моменти кога Охрид се соочуваше со кадровски предизвици. Сепак, очекуваната подолгорочна улога не се реализираше, па двете страни решија да тргнат по различни патишта.
За Крсманчиќ следува нов предизвик и продолжување на кариерата надвор од македонската Суперлига и ќе продолжи во српската лига.