Кривична против поранешен директор на ЈКП „Комуналец“ во Свети Николе за злоупотреба на службената положба и овластување

НККР Свети Николе поднесе кривична пријава против А.Д. (34) од Свети Николе, за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот на 19.11.2020, како тогашен директор на ЈКП „Комуналец“ во Свети Николе, ја злоупотребил својата службена положба на начин што донел одлука за јавна набавка на интегриран паркинг менаџмент систем за отворени и затворени паркинзи во Свети Николе и негова монтажа во вредност од 6.700.000 денари. По спроведената постапка за јавна набавка, откако изведувачот ја извршил набавката и монтажата на интегрираниот паркинг во 2021 година доставил фактура за наплата во износ од 5.100.990 денари без ДДВ, но истиот не бил ставен во употреба. Во 2022 година инвеститорот и изведувачот стапиле во преговори за одредени несогласувања, како резултат на што сумата била намалена на 3.511.184 денари со ДДВ, по што изведувачот демонтирал дел од поставената опрема, а фактурирал други изведени работи. На овој начин нанесена е штета на буџетот на јавното претпријатие, а била овозможена противправна имотна корист на правно лице од Скопје во вредност од 3.511.184денари.