
Крводарителска акција под мотото „Подарете го највредниот подарок – подарете живот“, денес организира Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Штип, по повод Денот на македонската револуционерна борба. Акцијата се одржува по петти пат и веќе прераснува во традиција. Организаторите велат дека преку ваквите активности се поттикнува хуманоста и заедништвото меѓу граѓаните. Во изјава за медиумите, претседателот на Општинскиот комитет, Душко Иванов, ги повика граѓаните да ја даруваат својата крв и да подарат живот.
,,По повод денот на македонската револузионерна борба, општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Штип веќе петти пат, веќе прераснува во традиција да организира крводарителска акција во соработка со институтот за трансфузиона медицина, регионална единица Штип. Сакам да ги повикам сите граѓани да се вклучат во акцијата, да ја даруваат својата крв. Всушност и мотот е ,,Подарете го највредниот подарок, подарете живот“, рече Иванов
Граѓаните што даруваат крв велат дека со мал гест им помагаат на оние на кои им е тоа најпотребно. Тие нагласуваат дека секое дарување е значајна помош и надеж за спасување живот.
Акцијата ја истакнува важноста на заедништвото и помошта кон другите. Дарувањето крв е едноставен, но моќен начин да се спаси живот.
Иван Митев, М-Нет