
Кошаркарот на ГКК Штип, Џокрол Пал одигра фантастичен меч против Скопје во „Џексон“ и со тоа е најкорисниот играч на седмото коло од Суперлигата, со тоа американскиот интернационалец го предводи изборот на најдобрите петмина кошаркари во седмата рунда.
Американецот на теренот помина нешто повеќе од 35 минути со 38 пеони, постигна три тројки од пет обиди, 13 од 16 шута за два поени и три слободни фрлања од пет обиди. На својот учинок додаде пет асистенции, четири скока, три блокади и една освоена топка, за вкупно 41 индексен поен – највисок индивидуален резултат во седмото коло.
Второто место во изборот за прва петорка е Колин Паркер од Скопје, со индекс 39. И покрај поразот на неговиот тим на гостувањето во градот под Исарот, Паркер зад себе имаше извонреден индивидуален настап во „Џексон“. За нешто над 37 минути на теренот постигна 29 поени, со одлични 11/12 во обидите за два поени, а забележа и 14 скока, две асистенции и една блокада.
Трет во изборот за седмото коло за првата петорка е Секоу Сила од ТФТ, кој на гостувањето во Гевгелија оствари дабл-дабл ефект. Во победата на својот тим над Кожув учествуваше со 25 поени и 18 скока, дополнети со една асистенција и една освоена топка. Сила натпреварот го заврши со 34 индексни поени.
Меѓу петтемина најдобри е и Камерон Џонс од Скопје, кој на средбата со ГКК Штип во „Џексон“ забележа дабл-дабл учинок, но неговиот тим беше поразен. Реализираше 23 поени и имаше дури 11 асистенции, дополнети со пет скока, една освоена топка и една блокада. Неговиот конечен индекс изнесуваше 27.
Петорката ја комплетира Александар Костоски од ГКК Штип. Искусниот плејмејкер доби нешто повеќе од 24 минути на паркетот, но тоа беше доволно за да покаже колку значи неговото присуство во играта на штипјани кои ги предводи Марјан Србиновски. Постигна 16 поени, со четири погодени тројки од седум обиди, а забележа и десет асистенции и три скока, без ниту една загубена топка. Својот настап го заокружи со индекс 25.
Првата петорка ја сочинуваат Џокрол Пал (ГКК Штип), Колин Паркер (Скопје), Секоу Сила (ТФТ), Камерон Џонс (Скопје) и Александар Костоски (ГКК Штип).
Штипјани во втората петорка имаат двајца кошаркари.
Втората петорка ја сочинуваат Стефан Симиќ (Кожув), Камерон Хамилтон (ГКК Штип), Ивица Димчевски (ГКК Штип), Бобан Стајиќ (МКК Куманово) и Камерон Гуден (МКК Куманово).
Александар Ванев, М-Нет