Кошаркарите на Соколи во Штип рутински го декласираа Вардар, тесна победа за Борец

Продолжува борбата за влез во кошаркарската елита на Македонија, водечките екипи ги оправдаа фаворитските улоги, а со тоа продолжува борбата на четирите екипи за пласман во ранг погоре.

Екипата на Соколи стигна до уште една убедлива рутинска победа, откако во спортската сала „Јордан Мијалков“ беше декласирана екипа на Вардар со 117:71. Ова беше уште една лесна, сигурна и убедлива победа за тимот од Штип.

Без проблеми и Струмица славеше убедлива победа над Охрид со 75:49, а висока и убедлива победа имаше и Бутел со 132:93 над Водно Санс. Понеизвесно беше во Велес каде Борец Баскет со тесни 79:76 го доби Мега Баскет.

На табелата промени нема – Бутел, Соколи, Струмица и Борец Баскет израмнети на табелата со по 17 бодови.

Мега Баскет и Вардар го делат петтото место со 14 бодови, а пак Водно Санс и Охрид го делат седмото место со по 12 бодови.

Во плеј-аутот продолжува борбата за опстанок. Во директната дерби пресметка за опстанок Младинец со 82:77 славеше над Ролинг од Струмица. Тетекс го доби дербито за врвот откако на домашен паркет славеше над Овче Поле со 90:80, а пак Црн Дрим дома загуби со Спортисимо со 75:79.

Александар Ванев, М-Нет