Кочанската фабрика „Пејпар мил“ доби сертификат за подобност за користење на хартија за пакување храна

Сертификат за подобност за користење на хартија за пакување на храна доби кочанска фабрија Пејпер мил, од престижниот германски институт ISEGA.

 Согласно утврдена методологија, институтот ISEGA ги испитува суровините кои се користат, адитиви и специјални средства за завршна обработка на хартијата, како и евентуално ослободување на супстанции кои можат да влијаат врз здравјето. Согласно овие критериуми е утврдено дека кафената хартија на Пејпар Мил ги исполнува највисоките стандарди на безбедност.

„Ни претставува задоволство и гордост што нашиот производ го доби овој исклучително значаен сертификат. Ова е огромна гаранција за квалитетот и безбедноста на нашата хартија за купувачите кои понатаму од оваа хартија произведуваат амбалажа за пакување на храна и прехранбени производи.  Конкретно, станува збор за кафената, специјална водоотпорна хартија со висок степен на цврстина и одлични параметри на квалитет, која се користи за изработка на кеси/вреќички за супермаркети и продавници, пакување на брза храна, како и за пакување на овошје и зеленчук. Ова е уште еден во низата сертификати кои ги поседува нашата фабрика, а ние продолжуваме и во иднина да работиме на унапредување на сите процеси во фабриката, со цел да ги одржиме и исполниме стандардите и очекувањата на нашите партнери, соработници и заедницата во која работиме“ – истакнува Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпар Мил.

Фабриката Пејпер мил од Кочани освен овој располага и со други сертификати за управување.

Лаура Стојанова М-Нет