Кочанската болница повеќе од една година е со само еден гинеколог, во 2023 година се родиле 35 бебиња

Повеќе од една година кочанската Општа болница работи со само еден единствен гинеколог на Одделението за гинекологија и акушерство. Сите активности на овој оддел ги извршува Илчо Атанасовски, со помош на осум сестри акушерки. Но, недостаток во работењето нема, децидна е директорката која посочи дека до крајот на годината од специјализација ќе се вратат три докторки со што кадровски ќе се подобри ова одделение.

„Од кога докторот е сам, година година и половина., ние веќе имаме испратено три докторки кои се на специјализација, истите докторки кон крајот на 2024 година треба да се вратат, докторки млади, полни со енергија. Имаме ново ехо кое ни е донација, а докторот иако е сам ги работи своите обврски“ – вели Георгиева-Трпевски.

Специјалист гинеколог акушер Илчо Атанасовски вели дека работите на ова одделение се одвиваат непречено и дека сите пациенти се соодветно примани и третирани. Иако сега тој е единствениот, вели болницата памети и полоши денови. Дециден е дека намалениот бројот на родени бебиња не е само во кочанската болница, туку проблем во целата држава.

„Ние не престанавме, во 2019 година оперативната ја работевме целосно. Имавме проблеми и со техниката, немавме персонал, но сето тоа е едно минато. Оваа година не е проблем каде ќе се роди бебето, но миграцијата на населението, гледате дека на ниво на држава бројот на родени бебиња е намален.“ – вели Атанасовски.

Изминатата 2023 година, Одделението за гинекологија и акушерство поминало со околу 1900 прегледи, 240 хоспитализации и 176 киритажи. Загрижува и фактот што е зголемен бројот на карциноми , па ако во 2022 имало само 6, во 2023 година се регистрирани дури 16, но сите се соодветне третирани и во добра здравствена состојба, потенцира Атанасовски.

Лаура Стојанова М-Нет