
Вкупно 2.000 претставки од работници во приватниот сектор има примено „Гласен текстилец“ по основ на нецелосна исплата или целосно неисплаќање на регрес за годишен одмор или К-15 за минатата година. До нив се пристигнати и жалби во кои се опфатени 1.420 работници за исплата на К-15 во висина од 500 до 5.000 денари. Повеќе од 50 работници кои заминале од фирмите не добиле К-15 иако законски им следува, а над 500 од вкупниот број претставки се од работници во текстилниот, но и градежниот сектор.
„Можам да кажам дека оваа година многу помалку имаат целосна исплата на К-15, ретко кои работодавачи го испочитуваа оној износ кој беше определен за оваа година, дури можам да кажам дека ги тераат работниците да се потпишуваат на спогодби за воопшто да не земат К-15. Еве, и оттука апел – секаде каде што има такви спогодби, тие ќе бидат поништени преку Државниот трудов инспекторат“, вели претседателката, Кристина Ампева.
Таа вели дека постои отворена врата за манипулација, особено со Колективниот договор на приватниот сектор, во којшто, како што вели, има простор за манипулација со висината или целосна неисплата на К-15 на работниците. Спогодбите за неисплаќање може да се поништат, вели Ампева, но онаму каде што има исплатено мал износ, не може многу да се стори.
„Фали системска заштита на работниците од приватниот сектор. Моментално можам да кажам дека се манипулира со тие потешкотии, инвестиции или што и да е, меѓутоа тоа е така оти некој оставил отворена врата за тоа да се злоупотребува и сега да ги имаме срамните исплати. А конкретно за спогодбите и тоа што работниците потпишуваат дека наводно не сакаат да им се исплати К-15, не е ни првпат ни последен да бидат поништени, додава Ампева.
Ампева ја повика и Управата за јавни приходи да направи контрола во оние компании каде што воопшто не е исплатен регресот за годишен одмор. Годинава има и такви случаи во кои бил исплатен К-15 под минималниот износ и тоа во првите денови од јануари, за што треба да се утврди дали станува збор за исплата на К-15 за 2024 година или, пак, тоа е регрес за годишен одмор за минатата година.
Ребека Спасова М-ет