
Екипата на Кочани во дури 11-тото коло на Првата женска фудбалска лига ќе ја бара првата сезонска победа против Истатов во гости.
На првото соочување Истатов беше подобар во гости со 1:2, а во меѓусебните дуели Кочани последно го доби Истатов на 31 март 2018 година.
Фаворитската улога ќе ја има Истатов кој ќе бара четврта победа, а доколку ја оправда тогаш ќе може да избие на седмото место, а со тоа и да се зацврстува на средината од табелата.
Од друга страна Кочани кој е на дното од табелата со еден бод ќе бара прва победа во тешката борба за опстанок.
Каменица Саса ќе бара излез од резултатската криза во дербито со Тиверија Брера во Струмица, „рударките“ имаат два порази во низа и веќе имаат негатива од десет бода во однос на лидерот Љуботен.
На првото соочување од оваа сезона струмичанки беа подобри во Македонска Каменица со резултат од 1:2.
Речица и Пелистер ќе се соочуват во дуел барајќи излез од резултатската криза со тоа што домаќинот има три порази во низа, а трите бодови се неопходни во борбата за опстанок, а пак битолчанки по двата порази во низа против Речица гледаат момент за враќање на победите.
Дербито на колото ќе се игра во Тетово каде лидерот и поранешен шампион Љуботен ќе го пречека актуелниот шампион Скопје. Бодовната разлика меѓу два лути ривали е само еден бод, на првата нивна меѓусебна пресметка Љуботен беше подобар во Пржино со 1:2.
Љуботен е единствениот непоразен тим, кој доколку го добие Скопје тогаш ќе има дури четири бода предност, а пак доколку Скопје кој има единствен пораз од Љуботен успее да го добие тимот од Тетово на негов терен ќе избие на првото место со два бода повеќе.
Вардар кој е во победничка форма со четири победи во низа на домашен терен ќе игра против Ас Јунајтед, кој по серијата порази во минатото коло славеше над Речица и така ја прекина резултатската криза.
Вардар на домашен терен ќе има улога на фаворит, а доколку успее да слави тогаш ќе има идеална шанса да избие и на петтото место ако Саса загуби во Струмица.
Од друга старана ако стружанки слават на „Цементарница“ ќе го поминат Вардар и ќе дојдат до шестото место.
Александар Ванев, М-Нет