
Средба на полицијата со граѓаните во Кочани. Денеска СВР Штип во Кочани ја реализираше активноста „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“. На граѓаните им беа поделени информативни летоци, а се објаснуваше полициското работење базирано на градење партнерство и доверба меѓу полицијата и граѓаните.
„Градиме полиција која ќе биде видлива и приемчива, полиција која ќе го познава маалото и маалото ќе ја познава неа, ќе има слух за загриженоста на луѓето, полиција која ќе одговори на потребите на заедницата, ќе ги ангажира и мобилизира граѓанските групи и ќе биде отчетна и транспарентна во своите активности. Довербата, кредибилитетот и легитимитетот на институцијата, секако, треба да бидат постигнати преку имплементација на прецизни механизми за контрола врз полицијата“, истакна Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.
На денешниот настан беше посочено дека за контрола на полицијата секој граѓанин кој смета дека полициски службеник не постапил според професионални стандарди, ги надминал своите овластувања или му ускратил некое со закон загарантирано право, може да поднесе жалба или претставка. Денешната активност не е единствена во насока на превенција.
„Ние како полиција не почнуваме од денеска да работиме според потребите на граѓаните, туку преку бројни превентивни активности изминатиов период на подрачјето на СВР Штип, како и Одделението за внатрешни работи имавме и ќе продолжиме со бројни превентивни активности посветени на заштита, сигурност и безбедност на граѓаните“, додаде Панајотова.
Кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ минатиот викенд се реализираше и во Штип, каде освен информативни летоци беа изложени и опремата и средствата кои ги користи полицијата во своето секојдневно работење.
Ребека Спасова М-Нет