
Четвртата рунда од Втората лига ни го носи дербито меѓу Пелистер и Детонит Плачковица кое преку директен пренос гледачите на телеизија М Нет ќе имаат можност да го проследат.
Дерби на двајца штипски стратези – Влатко Костов како тренер на Пелистер и Иван Варадиновски како тренер на Детонит Плачковица. Дерби на две екипи кои имаат максимален ефект на стартот од сезоната со три победи на три натпревари.
Битолчани покажаа дека на овие три натпревари ја имаат најдобрата одбрана, која е единствена без примен погодок, а нападот е ефикасен со 9 постигнати погодоци.
Пелистер дефинитивно е најголем бренд во Втората лига, но воопшто и во македонскиот фудбал, има историја и традиција и неговите цели се јасни, тоа е враќање во фудбалската “елита” на Македонија.
Тренерот на Пелистер, Влатко Костов во изјава за телевизија М Нет им го честиташе досегашниот успех на нивниот утрешен противник, вели дека Пелистер максимално се подготвува како за секој натпревар, додава дека притисок за трите бодови нормално е да има бидејќи Пелистер на секој натпревар оди по трите бодови. Костов вели дека од почеток нивната цел е влегување во повисок ранг на натпреварување и очекува пред репрезентативната пауза Пелистер да биде максимален со 12 бодови на своето конто, притоа додавајќи дека поддршката од верните “Чкембари” значи многу на секој натпревар на кој “пелистерци” влегуваат подготвени и сериозни за освојување на трите бодови.
Главен судија во Битола ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци, а преносот во живо на телевизија М Нет ќе започне во 16 часот.