
Со блокада на едната сообраќајна лента на патниот правец од Штип кон Кочани, кај село Облешево, оризопроизводителите од кочанско повторно го искажаа своето незадоволство. Двата главни проблема на кои посочуваат се недостатокот на вода, која според нив, треба да ја има до крајот на септември за оризот со долга вегетација, но и појавата на болести за кои никој не ги испитува.
„Водата е најосновното нешто, без вода нема бериќет. Нема да биде ни пченка, ни ориз, ништо… Браната е преполна со воа и сега некои си игра, прави нереди. Алармираме три години, да дојдат од Институтот, да видат дека, навистина, во оризот има болест. Никој за тоа со прстот не мрдна. Ѓубривата, препаратите не се соодветни, ние се снајдеме кој како знае и умее“, вели Здравко Арсов.
Ако наводнувањето се прекине во оваа фаза, велат оризопроизводителите, ќе нема род. Проблемите со болестите значат намалено производство од најмалку 50%, со недостатокот на вода, што е проблем, на кој влијае човечки фактор, ќе има за 50 – 70% помалку ориз.
„Зафатот на Кочанска река е однесен пред дваесетина дена, односно скинат. Водостопанство сега нема услови да го фати, бидејќи немаат ниту машини, ниту средства за да го направат тоа. Земјоделците почнаа да уклучуваат пумпи за вода, да ја црпат од Кочанска река и да ја внесуваат во оризите на повисоко ниво. Затоа бевме приморани да излеземе и да им кажеме на Водостопанство дека оризот сѐ уште бара вода“, вели Тони Максимов.
Оризопроизводителите веќе се во загуба, велат дека едвај можат да си ги покријат трошоците во аптеките и бензинските. Откупната цена за килограм оризова арпа бараат да биде најмалку 1 евро.
„Цената, според нашата математика и според приносите коишто ќе ги добиеме, би требало да биде од 1 евро, па нагоре. Зборувам за килограм продадена арпа. Исто така и на берзата, може да забележите, цената на оризот е покачена, а и во Европа и во светот производството на ориз е намалено“, вели Стојче Ташовски.
Од кочанската подружница на АД Водостопанство, „Брегалница“, велат дека затворањето на водите е во договор со водокорисниците. Раководителот, Благојчо Богатинов, вели оти е голема лага дека на оризот му треба вода, но подготвени се да формираат комисија за да најдат заеднички јазик.
„АД Водостопанство – подружница „Брегалница“ е подготвена да формира комисија од засегнатите страни, од водокорисниците кои тврдат дека е потребно вода, од институции, институт, за да утврдиме дали е вистина или не е вистина тоа“, вели Богатинов.
Оризопроизводителите изминатава недела реагираа за проблемите со кои се соочуваат пред почетокот на жетвата, а денеска тоа го искажаа со блокада на патот. Велат дека поради ваквите проблеми сѐ повеќе се насочуваат кон семиња со кратка вегетација поради што се губи квалитетот на македонскиот ориз.
Ребека Спасова М-Нет