
100 дена откако Општина Кочани во втор круг доби нов градоначалник, 100 дена за оцена од народот. Изминатиот период беше период за работа на градоначалникот, а сликата од терен – предмет за оценување на работата. По регионалниот отчет на кој Папазов даде свое видување за направеното, екипата на М-Нет Телевизија беше на терен. Ги прашавме граѓаните колку се задоволни од новиот градоначалник. Нивното мислење – поделено, дел гледаат резултати, друг дел, пак, со мислење дека ниту еден градоначалник не мисли на народот.
„Ние сме задоволни, но тоа што го ветил, треба да го заврши. Не може сѐ одеднаш, треба постепено за четири години. Сега засега гледам дека добро оди. Има нешто ненаправено, ама не може сѐ наеднаш. Не е дека го бранам, треба да се докаже. Добро работење се цени од народот, народот гледа што работи.“
„Како што рече и тој на првиот отчет, задоволен е, но сѐ уште е рано да дава отчет. Сепак, се надеваме дека ќе го среди градот и сите аномалии ќе ги отстрани.“
„Се промени власта, претходниот беше еден, овој е друг. Но песната е иста. Секој си гледа за себе и не сакаат со прст да мрднат за градот.“
Да се среди сообраќајниот хаос, катна гаража, да се афалтираат улици и патишта, да се уреди градот беа само дел од одговорите на прашањето што уште треба да се направи за Кочани и кочанчани. Според нив, граѓаните имаат повеќе нерешени проблеми, но во следниот период тоа треба да се промени.
„Надвор од Кочани патиштата кон селата не се направени соодветно.“
„Тој ги решава проблемите и тие си го поставуваат програмите во соработка со населението, така што јас не би потенцирал на некои проблеми за работа.“
„Треба да се продолжат работите кои беа почнати, паркот, улиците. Нови работи се оние кои ги ветуваше, катна гаража, паркиралиште.“
Дел задоволни, дел не. Сепак, кочанчани се согласни дека пред новиот градоначалник има уште многу работа и долг период за докажување. Власта се менува, велат тие, но кој и да е важно е да работи на потребите на народот и проблемите во Кочани.
Ребека Спасова М-Нет