Колекторската цевка во штипско Ново Село тема за препирки меѓу власта и опозицијата на ден пред Водици

Јорданов најави крај на еколошката траума во штипско Ново Село во месец декември 2021 година, а даде и празно ветување дека колекторската цевка ќе биде завршена пролетта претходната година, констатираа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму додаваат дека на ден пред Водици, она за што критикувале од ВМРО ДПМНЕ пред три години денеска се практикува од нивна страна.

„Крстот за Водици во штипско Ново Село ќе се фрла недостојно за него – обвинија на прес конференција од ВМРО ДПМНЕ. Вака почитувани граѓани гласеа насловите во медиумите пред три години. На еден ден пред Водици, Јорданов и ВМРО ДПМНЕ она што го критикуваа денес го практикуваат. Неодговорност, несовесност и неажурност беа зборовите со кои ВМРО ДПМНЕ ја обвинуваа тогашната власт предводена од СДСМ. Денес овие зборови се олицетворение токму на оваа Локална власт која повеќе од една година владеење ја оставија несанирана цевката на колекторот во очајна состојба. Ја гледаме на дело негрижата за проблемите во градот посебно што Јорданов и ВМРО ДПМНЕ имаа шанса да го санираат и овој но и многу други проблеми во Општина Штип“ – велат од СДСМ.

СДСМ биле неспособни четири години да го решат проблемот, и интересно е што сега ги потсетуваат граѓаните на ова, врати градоначалникот Јорданов. Додава дека за кратко временски период и овој проблем ќе биде надминат.

„Интересно е како политичката гарнитура која што четири години не успеаа да го реши овој проблем, повторно ги потсетува граѓаните дека биле неспособни во текот на цел мандат да ја извршат потребната санација на колекторската цевка под мостот во Ново Село. Очигледно е дека не ги познаваат добро и законите, бидејќи не ја комплетирале техничката документација и сега имаме нецелосен проект, кој што во изминатиов период мораше да се докомплетира, за да може да се распише постапка за санирање на колекторската цевка. За нивна информација Општина Штип изминатиот период работи на реконструкција на мостот и за многу краток период ќе заврши реконструкцијата и на истата веднаш ќе следи санацијата на колекторската цефка.“ – врати градоначалникот Јорданов.

Од Општина Штип велат дека нивното работење изминатата година покажале дека брзо и етапно се решаваат проблемите на штипјани и за краток период и овој проблем кој што се провлекува долго време ќе биде решен.

Лаура Стојанова М-Нет