Кожуф без право на грешка во Ресен, Скопје фаворит – Осогово сака позитивен резултат во Автокоманда

Утре се играат мечевите од 19. коло на Втората лига каде веќе започнува притисокот за бодови, а со тоа екипите се сведуваат да бидат без право на грешки на клучни натпревари кои одлучуваат за остварувањето на нивните цели.

Кожуф веќе е под притисок бидејќи е без право на грешка на гостувањето во Ресен кај екипата на Преспа. Ако сака тимот од Гевгелија да стигне до директен опстанок ќе мора да го победи состанот во Преспа, кој пак силно мотивиран ќе бара три бодови и со тоа да фаќа приклучок за опстанок преку бараж.

Кожуф ако триумфира и притоа Осогово загуби во Автокоманда, тогаш тимот од Гевгелија ќе дојде на минус четири од зоната за директен опстанок, во секој друг случај Кожуф со реми или пораз ќе оди чекор назад.

Осогово е во неверојатна форма со четири победи и едно реми од последните пет меча и максимално мотивиран, а особено после триумфот над лидерот Охрид, ќе патува во Автокоманда, каде на „Железарица“ ќе се соочи со Скопје, кој секако ќе ја има улогата на фаворит.

Скопје со три победи во низа, од кои две над конкурентите Беласица и Шкендија Арачиново дојде на минус два бода од лидерот Охрид и со тоа ќе го напаѓа во секое колото врвот во Втора лига.

Тоа што го анализиравме и во спортскиот магазин Трибина, Брегалница ја очекува тешко гостување против Новаци. „Сините“ ќе одат по три бодови на терен каде тешко се освојуваат бодови и на терен каде и Шкендија Арачиново загуби, а притоа Новаци кој има форма од четири победи и едно реми има четири бодови негатива од врвот и два од бараж зоната ќе сака триумф над Брегалница и со тоа да продолжи да го трасира патот кон Прва лига како тим кој се наметна од втор план со одлични игри.

Дербито на Истокот се игра во Радовиш каде Детонит Плачковица ќе игра со Беласица, а кое дерби ќе го следите во живо на М Нет телевизија, утре од 14 часот.

Претходно, кажавме дека овој меч е важен за радовишани кои ги води штипскиот тренер Горан Здравков, бидејќи со триумф сериозно ќе ги напаѓаат позициите за Прва лига, а Беласица во Радовиш доаѓа по позитивен резултат и да се врати дома со три бодови, а со тоа да продолжи да го следи чекорот на водечките екипи после поразите од конкурентите Охрид и Скопје.

Лидерот Охрид ќе има лесна задача на домашен терен против Победа, а исто ќе биде и со Шкендија Арачиново, која ќе гостува кај Големо Коњари, а новиот тренер Берат Имери веќе утре ќе го има и дебито на клупата на тимот од Арачиново, кој е наследник на Љупчо Марковски – Калц на тренерското столче.

Во Македонска Каменица ќе се одигра клучен меч за потврда на бараж позицијата меѓу Каменица Саса и Вардар Неготино. „Рударите“ сакаат три бодови и да бидат сигурни во баражот и да се надеваат на чудо за да стигнат до директен опстанок, а пак за тимот од Неготино ова е последна шанса да се фати приклучок за бараж.

Вардар Неготино претходно загуби од Тетекс, кој е директен конкурент за бараж, а ако загубат и од Саса, слободно ќе може да ги пакуваат куферите за испаѓање во Трета лига.

Екипата на Тетекс ќе гостува во Виница, каде како фаворит ќе оди по три бодови против веќе отпишаната Слога.

Александар Ванев, М-Нет