
Општина Карбинци одбележува 26 години постоење. Со свечена седница и присуство на повеќе гости, поранешни и сегашни функционери во Општината, започна денешната свечена целодневна манифестација од која дел се неколку активности.
„Со една свечена седница овде во салата за состаноци во Карбинци го одбележавме и овој свечен момент. Беа поканети повеќе гости, беа поканети поранешни функционери во Општина Карбинци сѐ со цел заеднички да придонесеме во креирањето на нашата иднина и да го одбележиме симболично нашиот празник“, истакна градоначалникот на Општината, Виктор Паунов.
Според градоначалникот Паунов, функционирањето на институцијата во една ваква средина е од особено значење за тамошните жители и иако досега бележи голема историја продолжува со реализирањето на капитални проекти. Во мандатот на Паунов предвидено е да се реконструира училиштето во с. Таринци и да се изгради нова детска градинка во с. Карбинци.
„Функционирањето на институцијата е од големо значење за ова население овде. Имено, општина Карбинци како рурална средина придонесувала во минатото, а и во иднина продолжуваме да донесуваме едни позитивни работи кон нашите жители. Институцијата е од суштинско значење функционирањето на секое поле, така што овие 26 години се една историја којашто во идно време ќе продолжиме да ја испишуваме, се надевам, во еден позитивен правец кон развој на нашата општина. Како рурална средина имаме што да понудиме и со што да се унапредиме во идно време“, додава Паунов
Општина Карбинци е рурална општина со 29 населени места, кои се мешавина на националности. Според последниот попис, овде живеат 3.420 жители, од кои 2.159 се изјасниле како Македонци, 857 како Турци, 15 Роми, 10 Власи и 7 Срби. За основањето во 1996 година заслужни се пет основачи, чии имиња и фотографии денес беа поставени на влезот од општинската зграда.
Ребека Спасова М-Нет