Заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска на денешната прес-конференција рече дека извештајот на Светска банка ги разбил лагите на Мицкоски за „трета економија“ во Европа.
„Не остана ништо, се распрсна бајката. Нема трета економија во Европа, нема 16 пати поголеми пензии, нема зголемување на минималната плата, нема раст и тоа граѓаните го чувствуваат. Го чувствуваат секој ден во своите фрижидери кои што се празни и во празните паричници“, истакна Каранфилова – Пановска.
Таа нагласи дека извештајот на Светска банка ја потврдува катастрофалната состојбата на која СДСМ укажувале повеќе од две години.
„Македонија стои во место, комплетно е изолирана, нема реформи и таквото непостоење на реформи директно удира во развојот и во економското и политичкото и секакво приближување на државата кон Европската Унија“, рече Каранфилова – Пановска.
Посочувајќи на проекциите наведени во извештајот, таа предупреди на последиците од, како што кажа, продолжувањето на сегашните политики.
„Со ваков раст ќе ни требаат 75 години, ниту една цела генерација нема да може да ја заврши работата, да го стасаме, пазете, просекот на Европската Унија“, потенцираше таа.
Каранфилова – Пановска посочи дека зад приказните за економски напредок стојат нископлатени работници и растечки долгови.
„Самиот извештај констатира дека имаме 196.000 работници кои што се распоредени на работни места со ниска продуктивност, нископлатени и кои што не може да врзат крај со крај“, рече таа.
Упати и критики за состојбата во државната каса и во Пензискиот фонд.
„Не можеме да се помириме што Македонија во моментов има 900 милиони евра дефицит во буџетот, во државната каса. Со тоа што во Фондот за пензиско-инвалидско осигурување дупката е една милијарда евра. Дуплирана за овие две години“, истакна Каранфилова – Пановска.
Во однос на најавеното задолжување, таа нагласи дека парите се наменети за покривање тековни трошоци, наместо за развој.
„Имаме најново дека Владата повторно ќе се задолжува со ново задолжување од 250 милиони евра за покривање на трошоците од буџетот, за плати и пензии, не за развој, не за инвестиции во економијата. Сакаме да порачаме дека кредитот не е приход, кредитот е обврска што креира долгови и обврски на граѓаните во иднина“, порача Пановска.
Каранфилова – Пановска нагласи дека реформите и продолжувањето на европскиот пат се неопходни за промена на економската состојба.
Текстот (Видео) Каранфилова – Пановска: Извештајот на Светска банка ја потврдува катастрофалната состојбата е превземен од МАКФАКС.