Може на полиграф секој политичар да каже колку и како крадел од оние од опозицијата, Мицкоски вели дека не мора да се чека закон за ветинг

Премиерот Христијан Мицкоски нема ништо против донесување закон за ветинг на политичарите, како што бара СДСМ, но уверува дека Управата за јавни приходи (УЈП) и сега има алатки да направи проверки. Тој вели дека политичарите можат да одат и на полиграф за да кажат колку и како краделе.

„Нека има предлог-закон, никој не го спори тоа. Но и сега може Управата за јавни приходи да направи ветинг, да провери. Ги има сите алатки да провери како се стекнуваме со златни визи во егзотични дестинации како Дубаи, колкав влог треба за да се стекнете со таква виза, како се ужива на скапи јахти на егејското крајбрежје и така натаму. Тоа може Управата за јавни приходи и сега да го провери. Какви политичари возат автомобили скапи коишто се сопственост на фирми коишто добивале тендери за јаглен, па како средствата се уплаќани на фирми во Бугарија и така натаму. Мислам, јас можам да редам, еве нека биде ова еден сам почеток на тој процес на ветинг. Тоа може УЈП и веднаш сега да го направи, нема потреба да чека. Дури може и на полиграф да се отиде, па таму секој од политичарите да каже колку крадел, како крадел, од оние од опозицијата, се разбира“, рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по свеченото пуштањето во употреба на две нови занимални за деца од предшколска возраст во Шуто Оризари.

Предлог-закон за ветинг на сегашните и на сите поранешни функционери најави опозициската СДСМ во рамки на нивниот мастер план за Македонија со кој ќе ја враќаат довербата на граѓаните, но и на членството на партијата. Во основа на ветингот е проверка на потекло на имотот на функционерите што би се направила со странски експерти, а СДСМ најавува дека ќе предложи нивните функционери да бидат први за проверка.

Текстот Може на полиграф секој политичар да каже колку и како крадел од оние од опозицијата, Мицкоски вели дека не мора да се чека закон за ветинг е превземен од МАКФАКС.