Кам Баскет од Македонска Каменица и Про Баскет од Кавадарци без лиценци за новата сезона во Првата женска кошаркарска лига

Кошаркарската федерација на Македонија преку соопштение ја информира јавноста дека Комисијата за лиценцирање, по спроведената постапка и разгледувањето на целокупната доставена документација, утврди дека во Првата лига – жени, условите за добивање лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/27 не ги исполниле ЖКК Кам Баскет од Македонска Каменица и Про Баскет од Кавадарци.

„Во текот на постапката, двата клуба беа навремено известени за констатираните недостатоци во доставената документација, како и за условите што требаше да ги исполнат за успешно завршување на постапката“, велат од „Куќата на кошарката“.

И покрај дадените насоки и оставениот рок за отстранување на утврдените недостатоци, клубовите не ги исполнија условите пропишани со Системот за лиценцирање, дополнуваат од федерацијата.

Согласно донесената одлука на Комисијата за лиценцирање, на ЖКК Кам Баскет и Про Баскет Кавадарци не им е издадена лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/27.

Кошаркарската федерација на Македонија останува доследна во спроведувањето на Системот за лиценцирање, со цел обезбедување транспарентност, финансиска дисциплина и исполнување на утврдените организациски и административни стандарди за учество во националните натпреварувања.

Александар Ванев, М-Нет