Како ќе изгледа Трета лига – Север во новата сезона 2025/2026 со четири нови третолигаши

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Во новата сезона 2025/2026 во Третата македонска фудбалска лига – Север ќе настапат 14 екипи, а последните три екипи ќе испаѓаат директно, додека пак шампионот ќе игра бараж за можен влез во Втората македонска фудбалска лига.

Во новата сезона има четири нови екипи кои обезбедија влез во Трета лига – Север, се работи за Лопате како шампион на ОФЛ Куманово, Отља како шампион на ОФЛ Липково, Студеничани како шампион на ОФЛ Кисела Вода и Беса Сарај како шампион на ОФЛ Скопје.

Минатата сезона Шкендија Арачиново стана шампион во Трета – Север и преку бараж обезбеди враќање во Втората лига после долги години откако го совлада Осогово со 2:1 во Кавадарци, па со тоа се ослободи уште едно место за влез во Трета лига – Север со што се играше дополнителен бараж натпревар меѓу поразените екипи од претходниот бараж односно меѓу Бујковци и Беса Сарај со што екипата на Беса Сарај беше последниот патник во третолигашкото друштво на Север, а кој бараж меч го следевте во живо на М Нет телевизија.

Стартот на новата сезона се очекува да биде на 15 септември, а во новата сезона ќе се натпреваруваат Аеродром, некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ, Фортуна, поранешниот второлигаш Кадино, Ржаничино, Башкими Љуботен, Куманово, Пчиња, Беса Слупчане, БВК Коњаре, како и новите третолигаши Беса Сарај, Отља, Лопате и Студеничани.

Минатата сезона од лигата испаднаа екипите на Њу Старс, Академија Илинден и Риниа, кои во новата сезона ќе играат во Општинската фудбалска лига во која територијално припаѓаат.

Александар Ванев, М-Нет