Како ЕУ да се постави во новите предизвици, кои грешки Македонија не треба да ги направи за влез?

Конфликтите на Северот на Косово, во Палестина и Украина се нови безбедносни предизвици во однос на кои Европската Унија треба да истапи сериозно. Ова беше заклучокот на денешната панел-дискусија која се одржа во штипскиот Правен факултет, на која беше посочено и дека Европската Унија треба да пристапи кон брз влез на државите од Западен Балкан за да не дојде до понатамошни дестабилизации во регионов.

„Сметаме дека Европската Унија треба да истапи сериозно, го препознаваме новиот моментум во политиката за проширување, најмногу во контекст на конфликтот во Украина, меѓутоа сметаме дека регионот премногу чека и треба да се истапи со конкретни чекори без многу симболизми за да може да се охрабри регионот и да продолжи на својот евроатлански курс“, велат од Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“.

„Не само земјата, туку и целиот регион може да оди само напред и може да оди во правилна насока доколку сериозно и посветено се занимаваме со овие предизвици, заедно во релација со НАТО алијансата“, вели Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

„Европската Унија треба да биде свесна дека доколку не пристапи кон брз влез на државите од Западен Балкан, ќе се зголеми потенцијалот за можни натамошни дестабилизации во регион, имајќи ги предвид сите оние процеси кои се случуваат во нашето пошироко соседство и на континентот“, вели Васко Наумоски, Академија за европски интеграции од Скопје.

А кои грешки не треба да ги направиме ние како земја за да пристапиме кон истата таа Европска Унија? За пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова, уставните измени се последната пречка којашто треба да ја премостиме, а во никој случај не смееме да дозволиме Албанија да тргне по патот оти праксата покажува дека оние кои влегуваат пред нас понатаму се пречка за нашиот влез. За градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, пак, недозволиво е да се злоупотребува европското знаменце, а до влез во ЕУ не се доаѓа со предавство на националните интереси.

„Процесот на поглавја значи исполнување на стандарди во секоја област што треба да ни го реформира општеството и е првиот чекор којшто нѐ води до целосна интеграција, така што мислам дека ова е последната пречка којашто треба да ја премостиме за да тргнеме по тој пат,затоа што гледаме дека веќе прашањето за проширувањето во Европската Унија станува и безбедносно прашање, а не само прашање на политика“, вели Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП во Комисијата за европски прашања.

„Ако мислиме дека со попустлива надворешна политика, со предавство на националните интереси и со покорување на нашиот национален идентитет ќе станеме земја членка на Европската Унија, се залажуваме себеси. Тоа не е реалноста, тоа не е потребно за да создадеме напредна држава. Напредна држава се создава со добри економски политики, добри здравствени политики, реформа на правосудството“, вели Тимчо Муцунски, Градоначалник на Општина Аеродром, доцент на Правниот факултет во Скопје.

Панел-дискусијата беше на тема „ЕУ и НАТО на Западен Балкан во контекст на новите политички и безбедносни предизвици“ и се одржа во Тренинг центарот на УГД.

„Во денешни времиња, полни со предизвици, закани на сајбер напади итн., несомнено се наметнува потребата да се дискутира, да се развива и да се негува академската мисла на овие простори и на овие тематики“, вели Ана Никодиновска-Крстевска, проректор за меѓународна соработка на УГД – Штип.

Настанот беше во насока на развивање и подигање на научната мисла и развивање свест меѓу населението и студентите за вредностите на меѓународниот поредок, што е пред сѐ мирот и стабилноста во светот.

Ребека Спасова М-Нет