
На 27 септември Микица Петронијевиќ од Србија тргнува на патување пеш преку Македонија до манастирот Хиландар во Грција. Денес е неговиот 23 ден кога пристигна и во Штип. Целта на ваквата мисија е да им се помогне на децата и лица со аутизам и да се соберат повеќе финансиски средства за отворање на Центар во кој тие ќе добиваат бесплатни, но корисни содржини. Микица на ваков начин вели се труди да ја подигне и свеста кај граѓаните кога се во прашање лицата и деца соаутизам.
„На 27 септември на празникот Крстовден јас од едно село во Србија тргнав на хуманитарно пешачење, а крајна дестинација е српскиот манастир Хиландар во Грција на Света Гора. Причина за ова мое патување низ Србија, Македонија и Грција е да се подигне свеста кај луѓето на тема децата и лицата со аутизам и по пат на хуманитарни смс пораки да се соберат средства за организацијата односно Центарот за децата и лица со аутизам во Србија. Јас своето имање во едно село во Шумадија го поклонив на здружението и тука го правиме центарот каде сите деца и нивните родители може да дојдат и да им пружиме различни содржини, работилници и за нив да се грижи стручни тим, дефектолог, логопед и сите тие содржини се бесплатни. Идејата е да се прошират капацитетите и да создадеме еден хуман и поубав свет“ – вели Петронијевиќ.
Од Старо Нагоричане, преку Свети Николе до Штип вели дека запознал голем број пријатели кои му помогнале да стигне до овде. Хуманитарецот Александар Ѓоргиевски е оној кој го пречека во Штип и му понунди храна и сместување. Исто така, ќе му помогне да стигне преку Радовиш и Струмица до Дојран и границата со Грција.
„Јас одам пешки, овде денеска сум во Штип 23 ден и имав задоволство да го запознаа Александар кој веќе ми стана пријател. Запознав и многу други луѓе пред него кои ми помогнаа да стигнам до овде, како планинари во Србија, пријателите во Старо Нагоричане, во Свети Николе мотоклубот, денеска Александар кој ќе ми помогне да стигнам се до границата со Грција. Доброто во ова патување е што ја враќа вербата кај луѓето, запознавам добри луѓе и тоа нешто е голем благослов за да можеме заеднички да помогнеме едни на други.“ -додава Петронијевиќ.
Ѓоргиевски уште еднаш ја покажа својата хуманост на дело. Посочи дека целосно ја поддршува ваквата акција и апелираше до граѓаните да ја подигнат својата свест кога во прашање се лицата и деца со сутизам.
Микица Петронијевиќ во Штип останува до утре изутрина, а во текот на денот ги посети црквите и манастирите во околината на градот.
Лаура Стојанова М-Нет