
По вчерашниот состанок на градоначалникот на Општина Штип и штипските институции да се делува координирано за да се спречат кражбите по домовите, нелегалната сеча на дрва, нелегална градба, но и кражбите на струја и вода, испливаа на површина и проблемите на институциите кои треба да делуваат. Имено од шумската полиција посоција дека ингеренции имаат за само три општини, а имаат само деветмина шумски полицајци, додека едното возило кое го имаат им е нерегистрирано и стои паркирано.
„На потегот меѓу Мирјанина црква и Шашаварлија запленети се стотици запрежни коли, стари автомобили, пили и огревни дрва. Нема веќе место каде да ги чуваме бидејќи ни Агенцијата за управување со одземен имот не знае што да прави со нив. Поднесени се стотици пријави, многу често и против непознат сторител, бидејќи бегаат. Но имаме и сторители што имаат и по 50 прекршочни пријави“, велат од Шумската полиција-Штип.
Градежните инспектори кои сами одат на терен забележале дека населбата Мирјанина црква масовно се населува со луѓе од други општини. Поимотни лица градат, а при нивното легитимирање едно лице приложува и по неколку лични карти. Вработените пак во птипското комунално претпријатие не сакаат да излезат на терен бидејќи се плашат од физички напади и загрозување на нивната безбедност. Јорданов истакна дека ќе се ангажираат дополнително луѓе кои ќе бидат надлежни за координарање на настаните.
„Мораме да ангажираме дополнително луѓе кои ќе бидат надлежни да ја контролираат состојбата на територија на Општина Штип и да ги пријават сите девијанти пријави, кражби, сеча на дрва, кражби на струја и вода. Ги охрабруваме и нашите сограѓани да ни се приклучат во сето ова и сите појави да ги пријавуваат на Локалниот совет за превенција на нас како Локална самоуправа кои го контролираме ова тело и иницираме средба и координација на институциите“ – додаде Јорданов.
Меѓу проблемите е и немање на соодветна локација за складирање на запленатите дрва, возила и останати предмети. Јорданов најави дека за проблемот ќе разговарат и со други општини што се соочуваат со исти проблеми, за да делуваат координирано на терен.
Лаура Стојанова М-Нет