
Отклонети се сите пречки кои беа наменски за да се спречи изградбата на првата катна гаража во Штип, истакна градоначалникот, Иван Јорданов, при денешниот увид на активностите. Тој посочи дека во моментов интензивно се работи, а за неколку недели од сега градот ќе добие дополнителни 55 паркинг-места што треба значително да го подобри сообраќајот во градот.
„Изминатите месеци овде имаше застој од страна на директорот на институцијата Дом на култура, но, еве, конечно успеавме да ги отклониме овие пречки коишто беа наменски за да се изврши спречување на активностите. Може да забележите дека веќе интензивно се работи и очекуваме да се постави конструкцијата, а веднаш потоа да се работи на второто ниво, односно на поставување на бетонска и асфалтна подлога, поставување заштитна ограда на второто ниво, целосно осветлување и со тоа да се овозможи за неколку недели од сега пуштање во употреба“, вели Јорданов.
Во текот на следната година Штип ќе добие уште две вакви катни гаражи, најави Јорданов, едната на две, а другата на три нивоа. На нив ќе се работи етапно штом ќе се заврши со првата катна гаража т.е. паркиралиште на нивоа.
„Ќе се започне со вториот паркинг којшто се наоѓа на почетокот на улицата „Ванчо Прке“, помеѓу Стоковната куќа „Нама“ и првата станбена зграда, постоечкиот паркинг којшто исто така ќе се уредува за да има две ниво на паркирање и очекувам во текот на 2024 година да се изреализира и третиот паркинг на три нивоа, веднаш пред зградата „Промаја“, којшто исто така ќе овозможи дополнителни паркинг-места на едно од тесните грла во нашиот град“, додаде Јорданов.
Катната гаража во Штип почна да се гради во јули тековната година, но со низа пречки и партиски препукувања. Ова е долгоочекуван проект, којшто треба да придонесе за репавање на најгорчливиот проблем во градот – недостатокот на паркинг-места.
Ребека Спасова М-Нет