Инвалидските пензионери во Штип се запишуваат за огревно дрво по цена од 4.800 денари

Здружението на инвалидски пензионери започна со запишување на пензионерите за набавка на огревно дрво. Овде за разлика од Здружението на старосни пензионери цената е пониска и дрвата ќе се набавуваат за 4.800 денари за м3. Интересот е голем, вели претседателот на Здружението, Панче Анчев, а уплатата се прима секој работен ден во периодот од 8 до 12 часот.

„Сакам да ги известам нашите клиенти дека Здружението на инвалидски пензионери врши упис на дрва за своите клиенти по цена од 4.800 денари за метар кубен. Со тоа по плаќањето на првата рата веднаш вршиме и достава на самата количина на пријавените дрва. Интересот е доста голем, така што веќе е договорено со економскиот оператор, дадени се списоците и од понеделник масовно ќе се носат сите пријавени количини на дрва“, вели Анчев.

Минатата година со проблем во однос на дистрибуцијата на огревно дрво се соочија и во ова Здружение. Враќањето на парите се изврши кај околу една петтина од вкупниот број на пријавени, поради нестабилноста на цената, меѓутоа Анчев се надева дека оваа година таков проблем нема да има.

„Имавме некој мал дел, од вкупно пријавените можам да кажам дека околу 20% извршивме враќање за разлика од другите пензионери. Мислам дека оваа година тоа е надминато, нема да се среќаваме со такви проблеми и се надеваме дека ќе биде сè в ред“, додава Анчев.

Здружението на старосни пензионери, пак, запишувањето за огревно дрво го спроведе во периодот до 6. до 12 март. Огревните дрва таму оваа година се набавуваат по цена од 5.000 денари за даб и 4.900 денари за бука. Цената минатата година се коригираше трипати, по што пензионерите мораа да комуницираат директно со добавувачите за да одлучат дали ќе набават огревно дрво по повисока цена.

Ребека Спасова М-Нет