
Пренасочувањето на сите моторни и патнички, но и товарни возила низ град Штип односно низ населба Ново село, придонесе граѓаните од оваа населба да се соберат и својот револт да го искажат преку мирен протест. Шлеперите кој секојдневно минуваат од овде покрај бучавата им ја загрозуваат и безбедноста, ним и на нивните деца. Бараат да се пронајде алтернативно решение.
„Револтирани од одлуката за пренасочување на тешките товарни возила низ нашата населба, ние, жителите на урбаната заедница Ново Село, му кажуваме на Градоначалникот на Општина Штип да не бега од одговорноста и во соработка со надлежните институции да изнајдат решение на проблемот што самите го создадоа. Со ваквото избрзано решение, доведена е во прашање безбедноста на жителите во нивното секојдневие, посебно безбедноста на нашите деца на ул. „Димитар Влахов“. Веќе во неколку наврати можеше да дојде до сериозни сообраќајни несреќи со тешки моторни возила кои можат да бидат со трагични последици. Нарушена е безбедноста на граѓаните, отежнат сообраќајот, се амортизира улицата и се нарушува статиката на куќите покрај улицата.“
„Со пренасочувањето на сообраќајот доаѓа до безбедносни проблеми, со тоа што пред два – три дена можеше да настане тешка сообраќајна несреќа кога еден голем камион за да избегне сообраќајна несреќа се качи дури на тротоарот. Во кривината се вози преку 40 – 50 км/ч, а тој е преку 30 тона товарен и не може да закочи. Човекот што излегуваше со возилото од уличката имаше среќа што не загина. Исто така, сега моментално уште малку ќе почне и училишната година, децата ќе минуваат и ќе одат на училиште. Небезбедно е на таа кратка релација камионот да застане кога излегло дете на улицата и може да дојде до катастрофални последици.“
Дополнително на ова проблем за новоселци е и неподносливата реа која се шири од колекторот. Граѓаните велат дека реагирале повеќепати но решение сè уште нема. Во овие топли денови ниту утринското ниту попладневното кафе не може да се испие во двор, бидејќи смрдеата е неподнослива.
„Јас живеам најблиску до колекторот, се соочуваме со тоа најмалку пет – шест години. Изгниен е хоризонтално и од него тече. Плеховите што се врз него се само камуфлажа за кога го фрлаа крстот во реката, да не се гледа руинираното. Тоа изгледа страшно. Целосно тече низ реката, а таму ловат риба и ја продаваат.“
„Минатиот Градоначалник, сега, за жал, Министер за транспорт и врски, не сакам да го кажам господин, затоа што господата не лажат, дојде и во програмата му беше дека ќе го направи, ќе го санира проблемот со колекторот. Меѓутоа, во 2019, во очи – фрлањето на чесниот крст за Водици, дојдоа и само го обложија со поцинкувани плехови. Треба да дојдат да го санират тоа што се шири неподнослива реа и постои можност од заразни болести, децата некогаш влегуваат во реката, а тука сме и ние. Доколку не дојдат, ова што го имаат замаскирано ќе го отвориме за плеховите да паднат во реката и да се види состојбата на колекторот.“
Жителите од Ново село се со најава за порадикални мерки доколку не им се излезе во пресрет на нивните барања.
„Доколку не се реши проблемот со канализацијата и со шлеперите кои ни одат по патот, ќе преземеме порадикални мерки. Ќе го блокираме патот и нема ни шлепери ни коли да поминуваат.“
Првиот човек на градот под Исарот, доктор Сашко Николов, вели дека проблемот со возилата кој транзитираат низ Ново Село е законски донесена одлука од ЈПДП и се очекува во рок од три месеца ова да заврши. За колекторот, пак, истакна дека се работи на негово санирање.
„Со цел да најдеме солуција, самиот пат на тој експресен пат да биде на етапи за да може да се користи истиот пат и едната лента да се користи за пренасочувањето. Меѓутоа, според инструкциите и според стручните лица тоа е невозможно и на тој начин патот нема да биде направен со квалитет со стандардите коишто ги барааат самите финансиери на патот. Така што, тоа е работа за којашто се борев на неколку состаноци во Скопје и овде кај нас. Тоа што го добив како ветување од Министерството за транспорт и врски и ЈПДП е дека реконструкцијата на овој пат ќе биде завршена за не повеќе од 3 месеца. Со директорот на ЈП „Исар“ веќе сме во завршна фаза и во наредните десетина дена треба да се започне реконструкција на колекторска цевка, не она со крпење со лимови, туку буквално по целата должина под мостот ќе се стави една нова цевка, која ќе ја преземе функцијата на претходната цевка и таа смрдеа и реа ќе биде прекината“, посочи Николов.
Во наредните денови се очекува цевката да пристигне и новоселци да се спасат од неподносливата смрдеа која се шири од колекторот. Со транзицијата, пак, Николов додаде дека на почетокот на неговиот мандат се поставени тротоари во оваа населба, со што граѓаните имаат простор за движење и зачувување на нивната безбедност.
Лаура Стојанова МНет