Во Регионалниот центар за трансфузиона медицина во Штип почна тестирањето на крвта на лицата кои го победија коронавирусот. Нивната крв, односно крвната плазма се употребува за лекување на заболените со тешка клиничка слика во ковид клиниките во Скопје. Овој третман не е непознат за медицината и добро е што се применува и во борбата со овој вирус, вели Д-р Мери Шорова, специјалист за трансфузиона медицина.
Единаесет лица од источниот регион што го покрива штипскиот регионален центар, до сега ја имаат понудено својата крв за изработка на ковалесцентна плазма, но само двајца имале доволно голема количина на ковид-19 антитела, вели Д-р Шорова.
Излекуваните од коронавирус чија крв е подобна за изработка на ковалесцентна плазма, крвта ја донираат во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје. Патувањето до Институтот и назад е во организација на штипскиот центар за трансфузиона медицина, од каде апелираат до излекуваните, својата хуманост да ја покажат со дарување крв за лек на оние кои сега се борат со опасниот вирус.
новинар Славица Величковска
камера и монтажа Горан Христовски