
Тротинетите добија нови законски правила. Собранието денеска ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за управување со лесните електрични возила. Со измените, за првпат се воведува прецизна законска дефиниција за „лесно електрично возило“, усогласена со европските препораки и компаративните искуства во регионот.
Според новите законски решенија, со тротинет ќе можат да управуваат само лица постари од 18 години. Предвидени се и построги казни за управување со брзина поголема од дозволената, под дејство на алкохол, превезување друго лице, како и кога со тротинет управува малолетно лице.
За најтешките прекршоци, покрај паричната казна, предвидено е и привремено одземање на возилото до 30 дена.
Целта на законските измени е да се намалат сообраќајните незгоди и да се заштитат сите учесници во сообраќајот, особено младите.
Иван Митев, М-Нет